Здружение ИРЗ Тетово во рамките на своите програмски активности, во период од 17-18 Април  присуствуваше на вториот состанок на FASST проектот за Социјално земјоделство, кофинансиран од Ерасмус + програмата, Европската програма за едукација и обука.

Средбата се одржа во Брисел, Белгија и на неа зедоа учество претставници на 9 партнери од конзорциумот, кои што ги претставиа досегашните достигнувања во рамките на проектот  и се согласиа за креирањето на иновативни тренинг курсеви за промоција на Социјалното земјоделство во Европа. Партнерите индентификуваа 10 тренинг курсеви во широк спектар на области како што се менаџмент, комуникација и финансирање за социјалните земјоделски организации.

Во моментов проектот е во фаза на Интелектуален резултат 3 каде ќе се развие содржина за курсевите која исто така ќе биде достапна и бесплатно онлајн на повеќе јазици на OER платформата www.fasstproject.eu

Институтот за развој на заедницата (ИРЗ) е одржлива граѓанска организација која работи на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните преку јакнење на капацитетите на поединци, организации и институции. Искуството на ИРЗ се заснова на повеќе од 22 години работа во заедницата преку решавање на потребите на граѓаните и помош и поддршка во надминување на предизвиците.

Улогата на ИРЗ во овој проект е да учествува во развојот, дизајнот, тестирањето и валидирањето на FASST курсеви. По периодот на тестирање и валидација, ИРЗ ќе ги дефинира упатствата за идна обука и нивно идно усвојување.