Доцна се сетија

Изминатиот период во некои медиуми можевме да прочитаме за предлогот на ВМРО-НП за територијална реорганизација на сегашната Општина Тетово и да се формираат три нови општини, и со тоа, меѓу другото, да се добие барем една општина каде што Македонците бројно ќе бидат мнозинство и слично.
Таа идеја не е нова. И јас, во име на група граѓани, иста идеја предложив во момент кога се носеше новиот Закон за територијална организација. За таа иницијатива, во тоа време, ги информиравме и медиумите, ОБСЕ и политичките партии, но не наидовме на поддршка. Во тоа време, некои сегашни членови на ВМРО-НП, кои сега ја промовираат оваа идеја, беа членови на една друга политичка партија. Кога тогаш разговарав со нив ми беше укажано дека таа идеја не е од интерес на Македонците во Тетово и не можат да ја поддржат?!
Во овој момент воопшто не е важно кој и кога ја предложил идејата и од кои причини, но би било добро, од ВМРО-НП јавно да кажат што е тоа што се изменило последниве четири години, и врз основа на што сметаат дека сега тоа е од интерес на Македонците? Доколку е нешто важно и значајно, ние обичните граѓани би требало да го знаеме.