ПРОМОЦИЈА НА ПРОГРАМА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ФИООМ
ПРАВАТА НА МАЛЦИНСТВАТА ВО ПРАКТИКА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Промотори: Хајрие Ахмед, Сретен Коцески, Гоце Тодоровски Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) на првиот ден од 4 Саем на НВО ја промовира програмата Правата на малцинствата во практика во Република Македонија.
Како што потенцира раководителот на програмата, Хајрие Ахмед од ФИООМ, во Македонија таа се спроведува со помош на Фондациите Крал Бодуен и Чарлс Стјуард. Таа се спроведува од 2002 година, а ќе заврши во мај, 2005 г. Карактеристично за оваа програма е тоа што за нејзини проекти можат да конкурираат македонски здруженија на граѓани (ЗГ), и тоа на сите службени јазици во земјата.
“Откако започна програмата па досега се реализирани 50 проекти, 41 од ЗГ, а 9 од неформални групи граѓани. Програмата треба да придонесе за граѓанска држава со изградено стабилно мултиетничко општество и таа иницира поддршка на граѓански дијалог за рамноправно учество на етничките заедници во одржлив развој на локално и на национално ниво”, потенцира Хајрие Ахмед.
Координаторот на проектот укажа и на потребите на програмата – активно вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки и креирање јавни политики, создавање база на податоци за правната регулатива за прашања на правата на етничките заедници, градење капацитети на граѓанскиот сектор и градење партнерства помеѓу институциите, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор како модел за граѓански дијалог во насока на развој на заедниците.
Сретен Коцески од Тетово, долгогодишен активист во граѓанскиот сектор, во својот дел од промоцијата нагласи колку е биттен овој дел од општеството, илустрирајќи го тоа со пример од конфликтната 2001 година во неговиот град, каде што, како што рече, граѓанските организации биле тие што први излегле на потребите на граѓаните и на премостување на меѓуетничките недоразбирања.
Во сличен правец размислуваше и Гоце Тодоровски од Центарот за поддршка на ЗГ од Прилеп и еден од промоторите на програмата. Сепак, како најважен столб за правата на малцинствата во практитка тој ја потенцира државната власт на која неминовно треба да & помогне граѓанскиот сектор.
“Треба сите ние да имаме параметри за тоа што сме сработиле на ова поле со кои ќе излеземе пред јавноста, колку и да е апстрактно тоа што го работиме”, додаде Гоце Тодоровски.